ЗАПАЛЕНИ БАДНИКОВИТЕ ОГНОВИ ВО МААЛАТА ВО ЦЕНТАР
Настани
Традиционално за Бадник во 44 маала во Општина Центар гореа бадниковите огнови, кои според преданието го најавуваат Христовото раѓање. Бадникувањето, всушност значи бдеење или исчекување на радосната вест за раѓањето на Исус Христос.
Секоја година во урбаната заедница "Дане Крапчев” во Дебармаало, на познатата локација кај кино Карпош, се служеше посна храна, над стотина литри греана ракија, исто толку природен чај и убаво македонско вино. Целата манифестација беше збогатена со песна и жива музика, за граѓаните од ова подрачје, кои од година во година се во се поголем број.
На територија на урбаната заедница "Невена Георгиева Дуња”, пред кулите на улица Рузвелтова, по 11-ти пат се одржа традиционалното палење на бадниковиот оган. Исто така и на оваа локација, настанот беше проследен со многу дружење, забава и музика. На чествувањето на верскиот празник Бадник, присуствуваа над 300 граѓани од населбата Капиштец и околината, а паричката годинава се падна кај малата петгодишна Нина Лазарова, која е новата кума за 2012 година.