Како дел од проектот за изградба на 35 спортски сали во државата е и новата спортска сала "Македонско сонце” во основното училиште "11 Октомври”. Овој викенд салата ја пуштија во употреба градоначалникот на Општина Центар Владимир Тодоровиќ, премиерот на Република Македонија Никола Груевски и директорот на Агенцијата за млади и спорт Лазар Поповски. Салата е на површина од 1.000 метри квадратни, со капацитет од 500 седишта, а опремена е со најсовремена и модерна спортска опрема, оспособена за ракомет, кошарка, мал фудбал, одбојка и гимнастика.
-Оваа сала, како и сите други кои ги градиме низ Македонија, не претставува само нов спортски објект, но со нејзиното ставање во функција станува и нов дом за многу млади генерации на спортисти. Токму тоа е и нашата тенденција, спортот да го подигнеме на здрави нозе, да изградиме што повеќе спортски објекти и да направиме услови што поголем број млади да се вклучат во спортските клубови, да почнат да практикуваат еден поздрав начин на живот и да се насочат кон вистинските вредности во животот. Убеден сум дека со ваквата политика ќе дадеме огромен придонес во задоволување на нивните потреби и ќе инвестираме во нивната, но и во нашата иднина - изјави премиерот Груевски.
- Целта на проектот е да се помогне развојот на спортот во сите сегменти и да се поттикнат младите на здрав начин на живеење - истакна меѓу другото Лазар Поповски.
-Во далечната 1972 година излегов токму од овој училишен двор. Денес, 40 години подоцна повторно сум во истиот школски двор и верувајте нема посреќен човек од мене. Нема поблагородно чувство од тоа да си дел од отворањето на нова училишна спортска сала на местото каде што го дадов првиот гол, каде што го погодив првиот кош. Општина Центар изминативе години интензивно работеше на реконструкција на основните училишта во општината. Училиштето „11 Октомври" покрај новата спортска сала, минатата година доби и фасадна столарија, нова термичка фасада, партерно уредување околу спортската сала со вкупна инвестиција од 15 милиони денари. Новата спортска сала нема да биде наменета само за учениците од ова основно училиште, тука истата ќе биде на располагање на сите граѓани на Општина Центар и ќе претставува место каде тие ќе можат да спортуваат, да се рекреираат и да се дружат. Токму затоа, Општина Центар во текот на месец февруари, ќе организира турнир во кошарка "Мое маало – Моја екипа", на кој граѓаните од различните маала ќе можат да го покажат својот спортски дух и таленти, но и да се забавуваат. Се надевам и посакувам ова училиште и оваа спортска сала да бидат и понатаму расадник за нови спортски таленти кои ќе придонесат за промоција на државата во Европа и пошироко- истакна градоначалникот Владимир Тодоровиќ.