Како се добива одобрение за употреба

Градбата се става во употреба, односно ќе биде употреблива, по издаденото Одобрение за употреба.

За издавање Одобрение за употреба, градителот поднесува Барање за издавање одобрение за употреба (Прилог 8.), во Општина Центар – барака 3 соба 8, по извршената уплата на административни такси во вредност од 300 денари на претходно наведената жиро сметка, со следните прилози:
  • проект за изведена состојба, заверен основен проект и издадено Одобрение за градење
  • докази за исплата на извршените работи на учесниците во изградбата
  • писмен извештај од изведувачот за изведените работи
  • завршен извештај од надзорниот инженер за извршениот надзор
По приемот на Барањето за издавање одобрение за употреба со комплетираните прилози, Општината формира комисија која го врши техничкиот прием на објектот.

Изведувачот, на Комисијата за технички прием, на денот на одржувањето на истиот е должен да и даде на увид:
целокупната документација за изградба која ја има на градилиштето согласно Законот за градење (член 72):
  • решение за упис во трговскиот регистар и лиценца Б
  • акт за именување на главен инженер и раководен инженер на градилиштето, односно инженер на градилиште
  • акт за именување на надзорен инженер на градилиштето
  • решение за локациски услови одобрение за градење со основен проект
  • изведбен проект
  • извештај за извршена ревизија од ревидентот
  • градежен дневник и градежна книга
  • доказ за пропишан квалитет за вградените градежни производи
  • акт за обележување на градбата
  • елаборат за заштита при работа
  • комплетни податоци за учесниците во изградбата и др.
  • комплетен основен проект за изведена состојба
  • акт за регулациона, нивелациона и градежна линија
  • исправи за докажување пропишан квалитет на вградените материјали и др.

Комисијата која го врши техничкиот прием на објектот утврдува дека градбата е изградена во согласност со основниот проект и проектот на изведената состојба, составува записник во кој констатира дали градбата може да се употребува или има недостатоци кои во определен рок треба да се отстранат.

По уредно извршениот технички прием на градбата, истиот се потврдува со записник, со кој се констатира дека градбата може да се даде во употреба и Општината го издава Одобрението за употреба.

По издавање на Одобрението, изведувачот и градителот вршат примопредавање на градежниот објект и за тоа составуваат записник за примопредавање на изведена градба како градежен објект.