Обраќање
Почитувани граѓани на Општина Центар,
Развојот на локалната самоуправа е еден од најголемите предизвици во демократските држави, затоа и развојот на Општина Центар е мој предизвик.
Моето долгогодишно искуство во развојот на мојата компанија „Тинекс", која oвој месец слави 15 години успешно работење, подготвен сум да го вложам во развојот на Општината Центар.
Јас цврсто верувам дека најдобро е одлуките што директно се однесуваат на секојдневието на граѓаните, да се донесуваат што е можно поблиску до нив и во соработка со нив.
Во остварувањето на мојата програма за Центар, целосно и недвосмислено ќе се раководам од принципите на одговорност, чесност, транспарентност и законитост.
Почитувани сограѓани,
Општина Центар заслужува да биде и ќе биде:
- транспарентна и модерна општина,
- општина во која ќе се живее на начин близу до европските и светските метрополи,
- стабилна, економски развиена општина, која ќе биде привлечна за странските и домашни инвеститори,
- општина чиј урбан дух и модерен изглед ќе бидат нејзино носечко обележје,
- Центар ќе биде општина каде што секој ќе има шанса да го оствари својот сон и својата визија.
Јас сум стопанственик, но и градежен инженер. Јас создавам и градам!
Затоа главни приоритетни проекти за мене ќе бидат:
- За децата – нови детски градинки, збогатување на содржините во постоечките детски забавни паркови и изградба на нови.
- За младите – нови спортски сали и игралишта, отворено лизгалиште, бесплатен интернет.
- За родителите – силна локална економија која ќе генерира работни места
- За пензионерите – добро уредени паркови, формирање на дневен центар за стари лица и изградба на нов пензионерски дом.
- За сите граѓани на Општина Центар – пристојно место за живеење со добра инфраструктура, подобрени сообраќајни решенија, повеќе паркинг места и решени комунални прашања.
Почитувани сограѓани,
Без заедништво и соработка нема успех и нема ефикасни решенија.
Соработката мора да биде со сите нас, граѓаните, градоначалникот и Владата. А соработката на градоначалникот и Владата ќе значи поддршка на вашите идеи. Поддршка за идеите побргу да се реализираат, а проблемите побргу да се решаваат.
Јас верувам во потенцијалите на Општина Центар и во нејзините граѓани.
Заедно да го направиме чекорот кон поубав Центар.
ЗАЕДНО МОЖЕМЕ ПОВЕЌЕ!