РЕКОНСТРУКЦИЈА НА ОУ "11 ОКТОМВРИ”
Општина Центар, изминатиов период интензивно работеше на целосната реконструкција на фасадата на ОУ "11 Октомври”. Учениците од ова училиште ќе можат да учат во простории со значително подобрени услови. Во склоп на градежно-занатските работи се изврши целосна промена на фасадната столарија, односно се изврши изработка на нови прозори од високо квалитетни пвц профили, застаклени со двојно термопан стакло, како и нови алуминиумски влезни врати. По изведената монтажа на новата столарија, на објектот се постави нова термичка фасада од типот Демит, со дебелина од 5 до 7 сантиметри. Фасадата со површина од 3200 метри квадратни, целосно беше молерисана со бои отпорни на атмосферски влијанија. Реконструкцијата на училиштето "11 Октомври” овозможува висока енергетска ефикасност во објектот со што како бенефит се добива заштеда на топлинска енергија, која добивка за брзо време во целост ќе ја оправда вложената инвестиција.
Исто така, се извршија градежни интервенции на влезот на новата спортска сала со што се овозможува целиот комплекс да функционира како една целина. Во училишниот двор се обновија тревниците и се посадија десетина зимзелени садници околу фонтаната. Санирана е и заштитната метална ограда на училиштето покрај ул. "Мирче Ацев”. Се изврши поплочување на платото пред новата спортска сала со бехатон плочи.
РЕКОНСТРУКЦИЈА НА ГРАДИНКАТА 13 НОЕМВРИ (ОБЈЕКТ ПАРК)
Општина Центар изврши реконструкција на објектот "Парк”- клон на детската градинка "13 Ноември”. Потребното реконструирање вклучуваше промена на фасадата на површина од 1150 метри квадратни, со нова термопан демит фасада, која што целосно се молериса со бои отпорни на атмосферски влијанија.
Се изврши промена и на целата фасадна столарија со тројно термопан стакло, што овозможува објектот да има исклучително заштитно влијание со подобрување на квалитетот од топлина и намалување на бучавата. На влезот и терасите од градинката, се поставија нови гранитни плочки.
Исто така, се изврши реконструкција и во внатрешноста на оваа градинка. При тоа беше извршена: промена на постојната дотраена водоводна и фекална канализација, поставени се нови санитарни елементи и галантерија, нови подни и ѕидни керамички плочки во повеќе простории (тоалети, кујни, ходници, скали, перална и подрумски дел). Целосна реконструкција беше извршена во главната кујна на грaдинката.
Со поставување на нов модерен и високо квалитетен дабов паркет, сите занимални простории во кои што што престојуваат и си играат дечињата, добија нов изглед. Набавени се и нови шкавчиња, полици, целото топловодно радијаторско греење се исчисти и санира, а се молерисаа и сите простории.

РЕКОНСТРУКЦИЈА НА ГРАДИНКАТА "КОЧО РАЦИН” - ОБЈЕКТ НАУМ НАУМОВСКИ - БОРЧЕ
Во текот на изминатата година интензивно се работеше на реконструкцијата која беше неопходна во клонот "Наум Наумовски-Борче”, еден од објектите на градинката "Кочо Рацин”. Работните активности се изведуваа во фази, кои што опфатија целосна внатрешна и надворешна реконструкција.
Тоа вклучи целосна промена на старата и дотраена електрична инсталација, водоводната и фекална канализација, санитарните подови и санитарната галантерија, а во занималните простории и кабинетите за воспитувачите се поставија нови прозорци, врати и ново осветлување. Се изврши реконструкција на кујната со нова галантерија и нови елементи. Се поставија нови подни и ѕидни керамички плочки во дел од просториите на градинката. Дечињата од клонот "Наум Наумовски-Борче” можат да се служат со нови изработени шкафчиња и полици.
Внатрешните простории добија нов излед со целосна реконструкција на ѕидните површни, кои што беа освежени со палета од весели пастелни бои. Имено, целиот објект доби нов изглед со внатрешно фарбање со квалитетен поликолор. Занималните простории каде што си играат дечињата добија пософистициран лик со нов високо квалитетен буков паркет и ново осветлување. Исклучително се подобри заштитното влијание од топлина и бучава со целосна промена на фасадната столарија со двојно термопан стакло.
Надворешна фасада се промени со нова термопан демит фасада на површина од 1300 метри квадратни, обоена со бои што се отпорни на атмосферски влијанија.

РЕКОНСТРУКЦИЈА НА ДЕЛ ОД ОУ "ДИМИТАР МИЛАДИНОВ” И ИЗГРАДБА НА ДВЕ НОВИ СПОРТСКИ ИГРАЛИШТА
Во ОУ "Димитар Миладинов” се изградија две нови спортски игралишта со трибина со вкупна површина од 2800 квадратни метри, од кои едното е за мал фудбал и ракомет што е заштитено со метална ограда со висина од 6 метри, а другото е игралиште за кошарка. За да може да се користат и во ноќните часови, игралиштата ќе бидат осветлени со рефлектори. Патеката на дворот се поплочи со бехатон плочи (павер елементи) на површина од 1400 квадратни метри. Исто така, извршено е и хортикултурното уредување и обновување на јавните зелените површини, со цел да се разубави просторот. Во дворот се посади нов дрворед со 9 црвени јавори опкружени со 50 грмушести зимзелени растенија, а помеѓу новите патеки се формираа триаголни зелени површини. Исто така, се поставија нови клупи и жардињери.
Во внатрешниот дел од училиштето извршена е реконструкција на санитарните чворови. Реконструкцијата опфати промена на постојната стара и дотраена санитарна водоводна и фекална инсталација, поставувени се подни и ѕидни керамички плочки и нова ПВЦ столарија, 17 мијалници за раце, а со молерисување освежени се плафоните во санитарните простории.
НОВ ЛИК НА УЛИЦАТА "КЕЈ 13 НОЕМВРИ"
Општина Центар ja реконструираше улицата "Кеј 13 Ноември" на потегот од ул. "Војвода Васил Аџиларски" до бул. "Кочо Рацин".
Извршената реконструкција, предвиде отстранување на калдрмата и асфалтирање на улицата во должина од 350 метри. Отстранетата калдрма е складирана во Јавното претпријатие "Улици и патишта".
Функцијата на улицата ќе остане иста како и досега, со тоа што реконструкцијата ќе овозможи побрз проток на сообраќајот и избегнување на сообраќајниот метеж. За таа цел, извршена е и хоризонтална сигнализација на улицата.
Во рамки на реконструкцијата, се изведе и изградба на тротоари со павер елементи од двете страни на улицата по целата нејзина должина.

НОВ И СОВРЕМЕН ЛИК НА УЛИЦАТА 29 НОЕМВРИ
Улицата "29 Ноември” доби нов и модерен лик по целосното реконструирање, што изминатиов период го изведе Општина Центар. Обновувањето на улицата се изврши на потегот од бул. "Партизански одреди” до ул. "М. Теодосиј Гологанов”. Со тоа значително се зголеми регулирањето и безбедноста на сообраќајот во овој дел на Општината. Улицата "29 Ноември” се реконструираше во должина од 500 метри и широчина од 12 метри.
При изведувањето на градежните работи, беше отстранета старата и дотраена асфалтна подлога, а асфалтирањето се изврши со нанесување на два нови асфалтни слоја на површина од 6000 квадратни метри. Пред покривање на улицата со нов асфалт, ЈП "Водовод и канализација” - Скопје изведоа обновување на водоводната мрежа. Под земја се поставија сите кабли од мобилните оператори, што беа во висина над улицата, а се постави и подземна електрична инсталација на ЕВН.
Исто така, се изврши интервенција на потпорните ѕидови, а тротоарите се обновија со бехатон плочки. Се постави и нова хоризонтална и вертикална сигнализација.
Во Програмата за реконструирање на улици на Општина Центар во 2012 година се предвидува продолжување на реконструирањето на ул. ”29 Ноември”, на потегот од бул. "Партизански одреди” до ул. "Орце Николов”.
НИКОЛА ВАПЦАРОВ – УЛИЦА СО ЕВРОПСКИ ЛИК
Улицата Никола Вапцаров доби нов модерен европски лик и претставува прекрасно шеталиште за граѓаните на Општина Центар и Скопје.
Реконструкцијата се состоеше од комплетно отстранување на асфалтниот слој на улицата и тротоарите. Покрај целосната реконструкција се измени и сообраќајниот режим, согласно Деталниот урбанистички план. Со реконструкцијата воведен е комбиниран сообраќаен режим, со колско-пешачка функција со посебен режим на сообраќај само за граѓаните кои што живеат на таа улица. Сообраќајот ќе се контролира со две хидраулични столбчиња на почетокот на улицата.
Од двете страни на сообраќајницата се изградија широки тротоари на ниво на самата улица, поплочени со плочи од вештачки гранит.
Соодносот на просторот за пешаци и возила ќе биде ист како што е сега, но со таа разлика, што во целост реконструираниот простор е комплетно облагороден со хортикултурни аражмани, ново осветлување, нови канделабри, клупи, жардиниери и дрвореди.
Оформен е зелен простор во влезот на улицата кој што е уреден со насади од високо стеблести и ниско стеблести дрвја.
На спојот со улицата Димитрие Чуповски формирана е такси постојка и постојка за јавен градски сообраќај.
Хортикултурното уредување опфати поставување на 14 мермерни жардиниери составени од 4 дела во кои се посадени зимзелени растенија, грмушки и цвеќиња. На канделабрите се поставени 30-тина корпи со раскошен букет од различни бои од видот петунија. Исто така, на улицата е посаден дрворед од 30 јапонски цреши. Наводнувањето на целото зеленило технички е решено со автоматски систем (капка по капка).
Должината на улицата Никола Вапцаров изнесува 150 метри, ширина 10,5 метри, а површината 1800 метри квадратни.
Она што е ново, во целата реконструкција на улицата Никола Вапцаров претставува наоѓањето на решение со атмосферските води.
Одводот за првпат е решен со поставување на линиски тип на сливници од германско производство, што претставува најоптимално решение за одводот на атмосферските води предвидено за шеталишта и плоштади во централните градски подрачја. Инаку ова претставува техничко решение што редовно се реализира во европските и светските градови.
РЕКОНСТРУИРАНИ УЛИЦИ ВО ДЕБАР МААЛО
Во 2011 година, Општина Центар, според утврдената комунална програма, опфати реконструкција на повеќе општински улици. Реконструирањето се изведе во Дебар Маало и тоа на улиците: ”Благоја Давков”, ”Дане Крапчев”, "Славка Недиќ” и ”487”.
Градежните работи вклучуваа вадење на горниот слој на асфалтот со машинско гребење и поставување на нова асфалтна маса со висок квалитет и поплочување на тротоарите со бехатон плочки. На сите улици претходно се реконструираше атмосферската канализација.
Асфалтирањето на коловозот на ул."Благоја Давков” се изведе во должина од 130 метри. Улицата "Славка Недиќ” се покри со нов слој асфалт во должина во 160 метри и широчина 8 метри , како и ул. "Дане Крапчев” со вкупна должина од 200 метри и широчина од 10 метри. Заврши и асфалтирањето на ул. "487” во должина од 100 метри и широчина од 8 метри. Во близина на горе споменатите улици се реконструираше и мал дел на коловозот од ул. "Дебарца” во должина од 70 метри и широчина од 12 метри.
За жителите на Дебар Маало и граѓаните кои што поминуваат со своите автомобили по овие улици, веднаш по нивната реконструкција, можат да забележат подобар и послободен проток на возилата во сообраќајот.
РЕКОНСТРУКЦИЈА НА ПЛОЧНИКОТ НА ПЕШАЧКА ПАТЕКА КАЈ ГРАДСКИ ЅИД
Извршена е реконструкција на плочникот на пешачката патека кај Градски ѕид, на улица Даме Груев на потегот од булевар Партизански одреди до улица Димитрие Чуповски. Реконструкцијата е извршена со плочи од вештачки гранит со висок квалитет и отпорност на атмосферски влијанија. Ново поплочената површина изнесува 1300 метри квадратни, а на истиот потег извршено е и висинско дотерување и нивелирање на вентилационите решетки и шахти. Во моментов, во тек е и реконструкција на плочникот на оваа улица во близина на детската градинка 13 Ноември. Поголемиот дел од градежните активности се завршени, а доколку дозволат временските услови, целосно ќе се поплочи на површина од 1000 метри квадратни до крајот на годината.
На целиот потег беше извршена реконструкција и на зелениот појас со зимзелени садници, а покрај нив се постави нова заштитна ограда.
МОНТАЖЕН ПАРКИНГ ВО КАПИШТЕЦ
Во населбата Капиштец, се изврши изградба на нов двокатен монтажен паркинг над постоечкиот паркинг на улицата "Народен фронт”. Општина Центар, со новото паркиралиште го реши долгогодишниот проблем на станарите од околните згради кои реално имаа проблеми да најдат слободно место за паркирање на своите возила. Покрај постоечкиот капацитет за паркинг места предвидени се и нови 135 паркинг места на платформата, од вкупно предвидени 500 паркинг места . Вкупната должина на платформата за паркирање изнесува 540 метри.
НОВА АВТОБУСКА СТАНИЦА НА ПАДИНИТЕ НА ВОДНО НАД "ПАНОРАМА”
На улица ”Славејко Арсов”, на падините на Водно, спроти Турската резиденција, Општина Центар на барање од граѓаните го реализираше проектот за нова автобуска постојка.
Со проектот се реализираше изградба на паркинг простор со асфалтирање на површина од 1100 метри квадратни, поплочување на тротоари со павер плочи 300 метри квадратни, поставување на седум канделабри за улично осветлување со штедливи светилки, хортикултурно уредување со подигнување нов тревник и анимирање на просторот со изработка на графити во пастелни бои, на слободната површина од постојниот потпорен ѕид.
Паркинг просторот е со капацитет за 14 паркинг места за возила и 1 паркинг место за автобус за јавен превоз.
Целиот проект успешно се вклопи во постојниот амбиент и претставува ново и современо стојалиште.
ХОРТИКУЛТУРНО УРЕДЕУВАЊЕ И УРБАНА ОПРЕМА
Во 2011 година, Општина Центар постави ново улично осветлување - мрежа во должина од 3838 метри и 300 канделабри со штедливи светилки.
Хортикулутурно се уредени јавни зелени површини од 11000 метри квадратни. Посадени се 62 дрва (јавори, јапонски цреши и лиродендрони),
10000 корења цветен расад и комплетно реконструиран Урбан парк.
Изградени се 4 нови и реконструирани 11 детски игралишта, поставени се 200 клупи, 400 корпи за отпадоци.
Исчистени се депонии од непознат сторител и отстранети се 600 метри кубни шут.